Алармантни бројки на починати од Ковид-19. За само едно деноноќие битката со вирусот ја изгубија 40 лица. Најмногу во Скопје 10, 5 во Прилеп, по тројца во Штип, Битола, Велес, Гостивар, по двајца во Кичево, Куманово, Струга, Кавадарци, и по еден пациент од Тетово, Дојран, Струмица, Крушево и Свети Николе. Најмладиот починат пациент има 49 години а најстариот 89. Поголемиот дел од нив имале коморбидитети, но меѓу починатите има и млади лица кои биле здрави без хронични болести.
Вирусот е многу непредвидлив и никогаш со сигурност не може да се утврди каков ќе биде неговиот тек, вели министерот за здраство Венко Филипче. Најави дека ќе се интензивира инспекцискиот надзор во установите за да се утврди дали има пропусти во лекувањето.
На зголемувањето на бројот на смртни случаи реагираат и инфектолозите од болниците во внатрешноста. Инфектологот д-р Ели Димитровска од партиска говорница порача дека во Клиничкиот центар во Битола повеќе нема место за сместување на пациенти. Од заболените побара да имаат редовна комуникација со матичните доктори за да не се доведат во ситуација касно да се јават на преглед, кога болеста веќе прогресирала.
Во меѓувреме граѓаните на Македонија во борбата за спас на животот се повеќе набавуваат лекови за корона вирусот на црниот пазар на Косово, меѓу кои е Фавира чија цена достигнува и до 500 евра. Нашата држава засега не планира да набави нови лекови.
Здраствените власти предупредуваат граѓаните да имаат поголема одговорност за своето здравје и да ги почитуваат мерките за заштита.
Јулијана Пешевска