Бугарија и дефинитивно не даде зелено светло за старт на преговорите со Македонија на днешниот министерски состанок на ЕУ, по што од претседавачот Германија стигна порака дека сега не е време за меѓувладина конференција
„Сметам дека ние денеска јасно кажавме дека во потрагата по разумни решенија сакаме да бидеме од помош и сакаме да го расчистиме патот колку што е можно повеќе за да може да ги почнеме меѓувладините конференции. Но сметаме дека сега не е време. Ако имате билатерлани конфликти кои не можат да бидат решени во наредните недели сметаме дека за тоа не треба да се разгледува на ниво на Европскиот совет“, рече Михаел Рот министер за Европа на Германија.
Според него Унијата сака да испрати вистински сигнал до Западниот Балкан, до Северна Македонија и Албанија, дека тие веќе направиле многу, имаат заложби, сакаат да бидат дел од ова Европско семејство. Тој нагласи дека до крајот на германското претседателство има уште време повикувајќи ги двете страни на храброст и добра волја.
Ставот на Европската комисија пак е дека се наоѓаат во крајната фаза одпостигнување на договор за преговарачките рамки и старт на преговорите со Македонија и Албанија. Комисијата денеска повтори дека таа сака тоа да се случи што е можно побрзо.
„Треба да се удвојат напорите прашањето покренато од Бугарија во контекст на Северна Македонија да може да биде решено и да се постигне договор за преговарачката рамка. Ние сакаме меѓувладината конференција да се случи што е можно побрзо поради што Комисијата ќе остане во близок контак со германското претседателство за да ги поддржи овие напори“, порача Марош Шефовиќ од Европска комисија.
Според него тоа ќе биде силен сигнал за целиот регион дека процесот на роширување функционира.
Ветото за Македонија пак по состанокот на министрите на ЕУ го соопшти шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која рече дека нејзината земја во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Македонија, а со тоа и стартот на преговорите. За Бугарија предложената преговарачка рамка за земјава не ги отсликува бугарските барања и поради тоа не може да биде поддржан.
„Настојувавме во преговарачката рамка да влезат три основни услови. Прво е придржување до формулата за јазикот од 1999 која потоа беше потврдена со договорот од 2017 година. Мапа за исполнување на Договорот од 2017 година и многу јасен и изричен текст дека нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија. Се уште овие услови не се вклучени во преговарачката рамка“, рече Захариева.
Захариева која на прес-конференцијата објаснуваше колку Бугарија се залагала за проширувањето, но оти тоа што нема напредок во исполнувањето на Договорот за добрососедство не и дозволува на Бугарија да каже „да“.
Таа иако изјави дека Бугарија е отворени за продолжување на разговорите и постигнување на решение, нагласи дека кога се водат преговори компромиси и желба за решение е потребно од двете страни.
„Многу сакам да се вложуваат повеќе напори во спроведувањето на преговорите отколку во црната кампања кон Бугарија“, изјави Захариева.
Захариева индиректно го отрфли барањето на Рот од утрово земјите-членки да не го блокираат проширувањето заради билатерални прашања, велејќи дека ако на масата на ЕУ има две членки без решени проблеми тоа нема да го направи сојузот посилен.
Тамара Грнчароска