Нови мерки и рестрикции засега нема- денеска одлучила комисијата за заразни болести. Граѓаните да се придржуваат до препораките е апелот на здравствениот врв. Движењето е намалено, а болниците сеуште имаат празни кревети за најтешките пациенти, е заклучокот на состанокот за ограничувањето на движењето. Додека здравствените власти одбиваат да ги предложат рестриктивните мерки болните од ковид ги полнат болниците. Кревет повеќе се бара во секој град, а во последното деноноќие 28 пациенти дошле и останале на лекување само во скопските клиники. 426 пациенти се лекуваат и дишат со помош на апарати само во главниот град. Во поход за повеќе болнички капацитети се впушти и министерот Венко Филипче кој ги седна скопските директори на клиники со барање да ги прошируваат капацитетите.
Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекуваме во периодот кој следи да има се повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио“– рече министерот Филипче на состанокот.
Во моментов освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница, Институтот за белодробни заболувања, ковид пациентите ги окупираа и четирите ковид центри на Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за неврологија, Клиниката за Нефрологија и Гастро. Во погон се пушта и Клиниката за уво нос и грло и Клиниката за очни болести, а на располагање остануваат само хирушките клиники, информира Филипче. Дел од пациентите се дома или доѓаат од внатрешноста. Стотиците повици за помош неделно паѓаат на товар на скопската брза помош која мора да се јави безмалку на секоја клиника за да добие зелено светло каде да се превезе пацинетот. Притисокот е огромен врз мобилните екипи, а на помош се вклучи и армијата реагира директорот на здравствениот дом Скопје.
Над 1000 пациенти секојдневно добиваат лекарска нега. Состојбата во внатрешноста е загрижувачка, а Струга, Струмица, Куманово ги пополнија капацитетите. Синоќа велешките одделенија за ковид загубија 4-ца пациенти. Борбата за лекар и кревет трае со месеци, а секојдневно варира бројот на слободни кревети, иако здравствениот кадар е со ограничен број.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 612 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 141 болен, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на КОВИД -19 вирусот кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 753.
Во болниците во внатрешноста има околу 130 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Пандемијата не стивинува, а бројот на заразени од тестирани со недели е над 30 проценти.
Павле Беловски