Нема препорака за нови рестриктивни мерки за заштита од корона вирусот, одлучи комисијата за зарзни болести, која утринава одржа состанок.
Останува апелот за целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила, како што се забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.
Министерот Филипче, претходно изјави дека се потребни околу две недели, за да се види ефектот од досегашните мерки.
Сепак, корона вирусот неконтролирано се шири, а бројот на новозаболени не се намалува. Со вчерашните најнови 990 позитивни, бројот на дијагностицирани на ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјава надмина 47 илјади. Починати досега се 1.305 луѓе. Битката со опасниот вирус во претходното деноноќие ја загубиле 24 пациенти на возраст од 41 до 86 години. Регистрирани се и 382 оздравени, со кои досега излекувани се вкупно 27.364.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 28 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 426 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Од вчера пациенти сомнителни и потврдени за Ковид се примаат и во ковид центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени осум пациенти и има уште 17 слободни кревети.