Елиф Елмас поради позитивен резултат на коронавирусот мораше да ги пропушти натпреварите на националниот тим во октомврискиот циклус. Тој немаше можност да биде дел од репрезентацијата во полуфиналното соочување со Косово, но сега заедно со останатите колеги од македонската селекција ќе биде во составот за мечот со Грузија и ќе се обиде да и донесе на Македонија историски пласман на Европското првенство.
“Не очекува финале, еден натпревар и многу борба. Ќе биде тежок натпревар, влогот е голем, но за ова се подготвувавме и сите заедно ќе се обидеме да го дадеме својот максимум за да успееме. Ни треба концентрација и енергија во текот на сите 90. минути. Грузија исто така, има за цел да биде на Европското првенство, но треба да направиме работите на теренот да зависат од нас. Оптимист сум, ова е голем меч и ќе го одиграме и за себе и за тимот, но и за целата држава. Се надевам дека ќе успееме и ќе играме за пласман на Европско првенство”, изјави Елмас.
ФОТО: Игор Паневски