Според пишувањето на некои медиуми во Италија истрагата што ја покрена Фудбалската федерација и локалните обвинители е насочена во откривање на докази против Лацио и лабораторијата во Авелино со кои би се поткрепило обвинението за фалсификување на документи.
Како главен осомничен во целата афера е посочен првиот човек на лабораторијата во Авелино, додека Лацио ќе се соочи со обвинение за фалсификување на јавен документ и несовесно однесување во време на пандемија и ширење на инфекцијата.
Се шпекулира дека постои голема веројатност во истрагата да се вклучи и државниот обвинител бидејќи со овие обвиненија се кршат не само локалните туку законите кои важат на територијата на целата земја.
Примарна цел на истрагата е да се утврди причината зошто има дијаметрално спротивни резултати од земените брисеви во лабораторијата во Авелино и онаа на СинЛаб, која е единствената во Италија што има сертификат од УЕФА и токму поради овие разлики Имобиле, Стракоша и Лукас Леива имаа дозвола да играат во домашното првенство, но не и на два натпревари во Лигата на шампионите.
Дополнителен проблем за осомничените е и фактот дека спротивни резултати на тестовите од Авелино има и една лабораторија во Рим.