Спорт Фудбал

Ангеловски: Да ја искористиме шансата за пласман на ЕП

Македонската фудбалска репрезентација од денеска ги почнува подготовките за клучниот натпревар за пласман на Европското првенство против селекцијата на Грузија што ќе се одигра на 12 ноември во Тбилиси.

Пред самиот почеток селекторот Игор Ангеловски се соочува со низа проблеми околу составувањето на тимот бидејќи неизвесен е настапот на Аријан Адеми и Кире Ристевски, а поради позитивен тест на коронавирусот на националниот тим нема да му се приклучи голманот Даниел Божиновски.

“Од фудбалерите кои пристигнаа во репрезентативната база, за жал, Даниел Божиновски е позитивен на Ковид-19 и нема да биде во комбинација за овие натпревари. Денеска го очекуваме пристигнувањето на Кире Ристевски кој треба, исто така да има негативен тест за да може да се стави на располагање. Аријан Адеми ќе оди на детални медицински прегледи откако пријави повреда здобиена на загревање пред вчерашниот натпревар на Динамо. Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи”, изјави селекторот Ангеловски.

Мечот со Грузија е историски за нашиот национален тим со оглед на фактот дека тоа е дуел во кој директно решаваме за нашето прво учество на едно големо натпреварување.

“Знаеме против кого играме, знаеме за што играме. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирано да го одиграме натпреварот и да го добиеме за конечно да се пласираме на Европското првенство. Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да и донесеме пласман на Европско првенство. Со позитивните резултати кои ги остваривме се донесовме во таква ситуација, среќни сме што сме дел од ова финале, но не планираме тука да застанеме. Ова е потполно нов натпревар во однос на нашите два меѓусебни меча, ова е финале, двете репрезентации ќе влезат различно во дуелот во кој очекувам да решаваат нијанси, а тие да бидат на наша страна”, заврши Ангеловски.

ФОТО: Игор Паневски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓоковиќ: Се замислувам во пензија на плажа со Федерер и Надал како пиеме коктели

Дејан Дејан

Македонските ракометари останаа без пласман во главната фаза на младинското СП

Дејан Дејан

Рекордни 20 екипи во новата сезона на Евролигата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе