Се полнат и последните вреќи со ориз на нивите во кочанско и штипско поле. Оризопроизводителите се незадоволни од откупната цена на оризовата арпа. Сметаат дека годинава ќе немаат да си ги покријат трошоците за произведеното. Поголеми количини на оризова арпа наместо да се откупат ќе завршат во домашните амбари и магацини.
Жетвата на белото злато доцни еден месец на полињата во руралните општини Чешиново-Облешево, Карбинци и Пробиштип, каде што оризопрозиводителите егзистираат од оваа култура. Сметаат дека проблемот лежи во ненавременото пуштање на водата низ каналите од страна на Водостопанство Брегалница.
Директорот на Водостопанство Брегалница Дени Митров смета дека климатските промени веќе си го земаат данокот. Водата низ Кочани и Виница била пуштена на 10 април, но поради обилните врнежи оризопроизводителите од кочанските села Бање, Тркање, Спанчево и Соколарци неможеле да ги подготват нивите за сеидба, од кои зависи и пристигнувањето на водата до површините, каде сега е задоцнета жетвата.
Изминатите години каналската мрежа се чисти и тоа во просек од 230 до 250 километри, за разлика од претходните години која се чистела само 170 километри. Тој податок покажува дали каналската мрежа е исчистена или не, вели Дени Митров Водостопанство “Брегалница“-Кочани.
Забележува дека дел од бетонската каналска мрежа е во лоша состојба, но се надева дека државата ќе обезбеди пари за нејзина санација. Оризот низ години се садеше на површина од околу 5.000 , а годинава на околу 3.200 хектари.
Викторија Јованова