Македонија Најважни

Гир: Соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол за единство преку разноликост

Јазичната разноликост е вклучена во европското право и во повелбата на основните права и во договорот за основање на ЕУ. Соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол за аспирациите на Унијата за единство преку разноликост, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на Осмата меѓународна конференција „На прагот на иднината: Што по 2020?“, организирана од Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија.

Преведувачите и толкувачите, порача тој, се важен линк помеѓу ЕУ и Северна Македонија, уште од првите чекори на земјата на нејзиниот европски пат.

– Во Европа јазичната разниликост е дел од секојдневниот живот. Оваа разноликост е извор на сила и богатство. ЕУ има околу 450 милиони граѓани, 27 земји членки, три азбуки и 24 официјални јазици. Шеесетина други јазици се дел од наследството на ЕУ и се зборуваат во одредени региони или од страна на одредени групи, изјави Гир.

Тој посочи дека ЕУ го промовира учењето на повеќе јазици преку различни програми, како што се Еразмус+ и Креативна Европа, со цел младите луѓе да може да зборуваа најмалку уште два јазици, покрај мајчиниот јазик.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, порача дека  повеќејазичноста е сржта на ЕУ, a принцип на јазична еднаквост на Европската Унија со своите 24 официјални јазици и над 500 можни јазични комбинации, преводот и толкувањето ги поставува и како основен услов за нејзиното непречено функционирање.

– Во согласност со таквите политики на ЕУ за јазична еднаквост и автентичност, и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата во моментот кога нашата држава ќе стане полноправна членка. Поради тоа, преводот на правните акти на ЕУ мора да конвенира на стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на нашиот јазик. Македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во клубот на мултијазичната Европска Унија, па оттука, граѓаните мора да можат да го разберат и почитуваат правниот акт што директно ќе се однесува на нивните животи, изјави Димитров.

Со цел да го овозможиме ова право и потреба на македонските граѓани, посочи тој, како земја кандидат мора да го оствариме и едниот од клучните елементи скриени меѓу критериумите од Копенхаген и нашиот предуслов за членство во Унијата, а тоа е превод на европското законодавство на македонски јазик.

– Правото на ЕУ е збир на правни инструменти кои се транспонираат во националните законодавства, а нивниот превод претставува најзначаен и најобемен проект за превод воопшто реализиран во историјата на специјализираниот превод. Процесот на преведување на правото на ЕУ е долгорочен, затоа што истото е подвижна цел чија бројка постојано се менува и се зголемува, во  моментов некаде над 160 илјади страници, изјави Димитров.

Преводот на правото на ЕУ, нагласи тој, не е и нема да го сметаме само како ваша „деловна активност“, туку и како политика за развој на македонскиот јазик и терминологија.

– Со оглед на бројот на страниците кои мора да се преведат, сега е моментот да ги искористиме можностите и да придонесеме за стандардизација на сопствениот јазик во аспекти каде тоа сѐ уште не е сторено, што е исклучително важно во случајот на македонскиот јазик. Затоа СЕП има цел да стане промотор и двигател на истражувачката дејност од областа на евро-жаргонот или правниот јазик на ЕУ за дополнување на стари и креирање нови поимници и терминолошки бази од специјализирани области, нагласи Димитров.

Јазиците, порача тој, можат да послужат како мост кон другите народи и култури преку промовирање на меѓусебно разбирање и заедничко чувство за европски идентитет, а ЕУ одамна „ги има срушено бедемите“ и успеа низ годините да создаде европски дух на заедништво и единство.

– Тоа е Унијата кон која се стремиме и тоа се вредностите и принципите кои и самите мора да ги практикуваме, живееме и да ги поттикнуваме, за колку што е можно поскоро да станеме и вистински дел од таа заедница, изјави Димитров.

Претседателката на Здружението на преведувачи и толкувачи Ана Попова Манасиевска, посочи дека бројот на членови се повеќе се зголемува и сега брои 110 членови.

– Верувам дека со бројноста ќе се зголеми и влијанието и моќта на здружението навистина да ги подобри работите во професијата. Како држава на прагот сме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ и денеска ќе чуеме повеќе што тоа значи за нас и нашата професија и како подобро да се подготвиме, изјави Манасиевска.

Клиентите по првичниот шок од пандемијата, порача таа, многу брзо се префрлија на онлајн средби и состаноци и барат од нас да преведуваме преку интернет, што како што посочи, покажува дека средината во која работиме се менува многу брзо и за да држиме чекор мора да бидем информирани и да ги предвидиме идните случувања.

Конференцијата се одржува во онлајн формат и се совпаѓа со јубилејот – 10 години од постоеоњето на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мајката Невена Спасеска повикана во обвинителство, осомничена е за одземање на дете

Дејан Дејан

Битолскиот суд „одмрзна“ три милиона евра на компанијата „Руд Коп“ – на барање на Обвинителството повторно ги блокира

Дејан Дејан

Врховен ја поништи зголемената пресуда за дрога на Васил Јованов – Апелација го осудила без да го викне

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе