Европската фудбалска федерација објави дека во периодот од 5 август до 15 октомври направени се 61.859 теста и дека само 340 или 0,55 проценти биле позитивни на Ковид-19 потенцирајќи дека фудбалот во моментов е најсигурен спорт.
Во тој период одиграни се 526 натпревари во сите конкуренции и само три проценти од предвидените мечеви биле одложени.
“Протоколот кој го воспоставивме е навистина квалитетен и обезбедува сигурност за сите инволвирани. Тоа ни влева дополнителна самодоверба да ги одржуваме натпреварувањата според планираното. Навистина е огромен успех да одржите 97 проценти од сите натпревари што се планирани во период од само два месеци”, изјави првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.
Претседателот на Европската фудбалска асоцијација објави дека во просек по екипа се направени 53,9 теста, а од сите позитивни резултати само 50 проценти биле меѓу фудбалерите додека останатите се регистрирани кај членови на делегации, тренери и останатиот помошен персонал.