Македонија Најважни

Захариева: Нема како во оваа етапа да се каже ДА за преговори С.Македонија – ЕУ

Нема промена во бугарскиот став кон Македонија. Бугарскиот државен врв јасно стави на знаење дека нема да одобри почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ се додека не се решат отворените прашања.

Бугарскиот претседател Румен Радев бара јасни законски гаранции дека единството на бугарската нација, култура и историско наследство, никогаш нема да бидат доведени во прашање од надворешни фактори. Тој ова му го кажал во телефонски разговор на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер.

Германија која во момемтов претседава со Европската унија засилено комунуцира и со македонскиот и со бугарскиот државен врв, во обид да издејствува заедничко решение кое би и овозможило на Македонија до крајот на годинава да почне преговори со Унијата, токму за време на германското претседателство.

Со објаснување билатералните проблеми да не го поткопуваат единството на Унијата, Радев побарал од германскиот претседател овие прашања да бидат дел од 35-то поглавје од преговарачката рамка за Македонија, а ако тоа е невозможно, тогаш Бугарија ќе работи на нов билатерален договор со Македонија во кои би се решиле билатерланите прашања.

„Исходот е само еден. Одлагање на преговорите додека не се склучи јасно-обврзувачки договор меѓу Бугарија и РС Македонија. Не можам да дадам европска легитимација на омразата кон Бугарија“, изјави Радев.

Истото го мисли и бугарската министерка за надворешни, Екатерина Захариева.

Дали Бугарија ќе каже ДА или НЕ за Македонија да почне преговори со ЕУ?

„Нема како во оваа етапа да се каже ДА“, вели Захариева.

Таа втор пат за една недела ги повторува овие зборови. Прво по состанокот што се одржа во Берлин со македонските министри Никола Димитров и Бујар Османи и утрово за бугарската телевизија БТВ.

Зборувајќи за тоа дали има некакви шанси, Бугарија да се согласи Македонија да ги почне преговорите со Европската унија, Захариева рече дека бугарската поддршка за Македонија никогаш не била безусловна. Кажа дека Бугарија одамна ги поставила условите за Македонија и дека историските прашања не се единствениот проблем.

„Не е само историјата тоа што загрижува, туку и говорот на омраза. Тоа се претензиите за малцинството. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји. Со целиот свет имаме споделена историја. Единствената држава со која имаме општа историја е РС Македонија“, вели Захариева.

Македонскиот министер за надворешни, Бујар Османи, одново ја повика Бугарија да не ги блокира македонските евро-интеграции.

 „Ги повикувам нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака извонредно како што започна. Посакувам нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција“, рече Османи.

За преговарачката рамка за Македонија утре во Брисел повторно ќе расправаат амбасадорите на земјите-членки на Унијата. За сега, барањата на официјална Софија не се вметнати во документот.

Во меѓувреме, бугарската јавност ги поставува прашањата зошто не се сменети македонските учебници, онака како што бара Бугарија, до тоа дали на пописот идната година, ќе има графа Бугари.  Водителот на утринската емисија на БТВ во која гостуваше Захариева ги нарече Македонците – „Северномакедонци“.

Марија Дивитарова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

УНИЦЕФ: Без здравствена заштита се 20.000 деца во Македонија

Дејан Дејан

Министерството за здравство, сепак, останува во „Вреди“?!

Дејан Дејан

Ученик нападна настаничка во ООУ „Јан Амос Коменски“ – соучениците трет ден бојкотираат настава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе