Условите на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ ги нема во последниот предлог на германското претседателство на Преговарачката рамка што денеска треба да биде усвоен на состанокот на амбасадорите на земјите членки – КОРЕПЕР. Во текстот во кој Телма доби увид, од дипломатски извори во Брисел, само на едно место се нагласува обврската на Македонија за добрососедски и односи и “и важноста од постигнување видливи резултати и спроведување во добра волја на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договор за добрососедски односи со Бугарија“. Ова значи, коментираат дипломатски извори дека сите земји членки, освен Бугарија имаат усогласени позиции, а проблемот со Бугарија најверојатно би се решавал низ билатерален договор преку изјава и декларација која „ќе ја адресира загриженоста на двете страни“.
Која би била содржината на таквата изјава, засега не се соопштува, иако силни дипломатски напори се вложуваат деновиве од германското претседателство кое организираше во Берлин и директни преговори на двете страни.
Преговарачката рамка, пак, во која Телма има увид, во финалната верзија е многу покомплесна и подетална, споредено со нацрт- верзијата. Детално е прецизирано политичкото влијание на земјите членки во целиот процес на преговори и условеноста во отворањето на кластери со исполнувањето на потрербните реформи.
„ Во случај на сериозно и постојано нарушување од страна на Северна Македонија на вредностите врз кои е основана Унијата, Комисијата може, по сопствена иницијатива или од соодветно барање на земја-членка, да препорача прекинување на преговорите и предлагање на услови за евентуално продолжување“ – пишува во Преговарачката рамка.
Комисијата или земја членка може да стопираат и отворање на поглавја или кластери и доколку земјата стагнира или заостанува во спроведувањето на реформите во „темелниот кластер“ кој прв се отвора, а последен се затвора, или доколку напредокот во овој кластер значително заостанува „зад напредокот во други области и ова доведува до целосен дисбаланс на преговорите за проширување.
Токму во овие механизми, според дипломатски извори, се гледа можнот за омекнување на тврдите позиции на Бугарија, бидејќи Софија може да влијае на целиот процес. Сепак, колку тоа ќе ги отежни преговорите, како што се коментира, ќе зависи од содржината на изјавата на Бугарија и македонската декларација.
Иако е познато дека бугарија сака јасни позиции за јазикот, малцинството и историските прашања, какви формулации се преговараат не се соопштува. Освен што се навестува дека Бугарија сепак ќе си ововзможи простор сороведувањето на Договорот за добрососедство да го поврзе со одредени поглавја, по примерот на Договорот од Преспа.
Во очекување на договор меѓу Скопје и Софија расправата за преговарачката рамка може да биде одложена и за петок.
Боби Христов