Се подготвуваме за прослава и одеднаш ни рекоа да престанеме со подготовките, бидејќи се е откажано, затоа што уште се броеле гласовите. Ова го изјави Кандидатот на републиканците за претседател на САД, Доналд Трамп кој и се обрати на јавноста. Победуваме секаде, рече Трамп, обвинувајќи ги Демократите дека се обидуваат да ги обесправат неговите гласачи. Затоа, како што се предвидуваше, а и претходно тој самиот најави ќе оди пред Врховниот суд за гласањето да престане. Трамп не сака да ги признае оние гласови кои беа испратени по пошта. Ова се милионски гласови кои се уште се бројат, а резултатот се претпоставува дека ќе биде познат дури во петок. За Трамп ова е измама.
Ова е измама на американската јавност. Срам за нашата земја. Се подготвувавме да победиме на овие избори. искрено, победивме. Затоа, нашата цел е да го обезбедиме интегритетот за доброто на нацијата. Ова е голем момент, и голема измама за нашата нација. Сакаме законот да се искористи на правилен начин. Затоа, одиме пред Врховен суд, сакаме гласањето да сопре. Не сакам да најдат гласачки ливчиња во 4 наутро и да ги додадат во листата. ОК?
Трамп рече дека републиканците победија со „рекордни бројки“ и дека „резултатите се феноменални“. Ги набројуваше и државите кои ги добиле Републиканците, меѓу нив и клучната Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, кои најавија дека нема вечерва да ги соопштат резултатите, бидејќи пребројувањето тука се уште трае. Според Си-ен-ен, во Пенсилванија, на пример, води неговиот опонент, Џо Бајден.
Бура од реакции предизвика говорот на Трамп, кој по секоја цена сака да прогласи вечерва победа. За многумина неговото обраќање е незаконско, опасно и диктаторско. „Опасен човеку, не можеш да го сопреш броењето на гласовите. Ние живееме во демократија!“, се дел од реакциите и по социјалните мрежи.
Од изборниот штаб на Бајден велат дека изјавата на Трамп е без преседан и лажна, но дека биле подготвени за ова сценарио. Претходно, Бајден најави дека нема да дава изјави, и дека треба сите да се трпеливи додека не заврши броењето, кое очигледно ќе потрае уште неколку дена.
Вашето трпение е за пофалба. Знаевме дека ќе трае подолго, можеби до утре наутро, или можеби и подолго. Но, се чувствуваме добро каде сме сега. Навистина. Тука сум да ви кажам дека сме на пат да победиме на овие избори.
Според медиумските проекции, како трае броењето на гласовите, Демократите прават голем пресврт, иако долго трката беше речиси изедначена. Но, најновите информации велат дека Бајден е на добар пат да ги освои потребните 270 електорални гласови.
Изборниот колеџ треба да го прогласи победникот откако ќе ги изброе гласовите, законски, тоа треба да го стори најдоцна до 14 декември.
Алиса Шутиноска