Според последните најави во САД, конечната одлука околу почетокот на новата сезона во НБА лигата треба да биде донесена на шести овој месец.
Челниците на лигата и Асоцијацијата на играчите во моментов имаат дијаметрално спротивни позиции околу почетокот на лигата.
Водечките луѓе на НБА сакаат стартот да биде на 22 декември со што би се избегнале огромните финансиски загуби кои се проценуваат меѓу 500 милиони и милијарда долари. Раководството бара почеток на натпреварувањето пред Божиќ и со оглед дека се предвидува во текот на сезоната да се одиграат 72 меча плус дуелите од разигрувањето на тој начин лигата би завршила кон средината јули со што би се избегнало поклопувањето на терминот со Летните олимписки игри во Токио.
Од друга страна играчите бараат почеток на лигата кон средината на јануари со што би добиле повеќе време за одмор бидејќи доколку шампионатот почне на 22 декември тие со подготовки за новата сезона би стартувале на први следниот месец.