Бугарија не може да даде зелно светло за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Петчасовната средба во Берлин меѓу бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со вицепремиерот Никола Димитров и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи заврши без напредок. Средбата се одржа со посредство на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот. По завршувањето Захариева за бугарската агенција БГНЕС изјави дека тие не можат да прават компромиси кои продолжуваат да водат кон антибугарска кампања.
Се уште не сме подготвени да ја одобриме преговарачката рамка за Северна Македонија, но работиме напорно со германското претседателство. За Скопје ќе биде голема штета да ја пропушти оваа можност, рече Захариева.
Захариева тврди дека има проблеми со исполувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година. Инсистира во преговарачката рамка да биде вметнато дека Македонија се откажува од тврдењата за македонско малцинство во Бугарија. „Работиме на отстранување на преостанатите барања на Бугарија во преговарачката рамка, кои што се врзани со гаранции, со одобрение за дејствување за исполнување на договорот од 2017 година. Бараме јасно декларирање и во преговарачката рамка и од страна на Македонија дека нема да се поддржуваат претензии за малцинство од државните институции“, вели Захариева.
Да, се согласувам со колегите од Скопје дека никој нема право да му определува на еден граѓанин како да се самоопределува. Истото важи и за бугарските граѓани. Нема како некој да каже дека тој јазик е различен од нашиот, затоа и ја направивме формулата во 2017 година, рече таа.
Но македонската Влада верува дека историските прашања кои се дело од заедничката историја може да се решат низ мешовитата комисија а решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји.
Убедени сме дека нашите три цели:грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, нашата европска иднина и отворањето на пристапните преговори со прва меѓувладина конференција во декември и добрососедски односи врз основа на на взаемно разбирање и почитување не само што не се спротивни една со друга,туку се целосно компатибилни, велат од Владата.
Претседателот на комисијата за надворешни работи Антонио Милошоски бара Собранието да изгради заеднички национален став по однос на заканата од вето од бугарска страна. Закажа седница за утре на која ќе се расправа за ова прашање, но се сомнева дека на неа ќе присуствуваат пратениците од СДСМ и ДУИ.
Премиерот Заев треба да оствари средба со Борисов најдоцна до 10 ноември, непосредно пред почетокот на Берлинскиот самит на кој ќе се знае конечниот епилог од преговарачкиот процес.
Јулијана Пешевска