Во пресрет на квалификациските натпревари за обезбедување пласман на Европското првенство против репрезентациите на Финска и Швајцарија, согласно протоколот од ЕХФ и протоколот за спроведување на ракометните натпревари, Ракометна Федерација на Македонија пред започнување на собирот спроведе тестирање на ракометарите и стручниот штаб на сениорската машка ракометна репрезентација за рана детекција на COVID–19.
Ракометната федерација на Македонија информираше дека шест лица кои се дел од националниот тим се позитивни на корона вирусот:
Позитивни резултати од ракометарите имаат Марио Танкоски, Мартин Велковски и Мартин Поповски како и членовите на стручниот штаб Александар Царчев, Никола Матлиески и Радослав Стојановиќ.
Сите позитивни се во изолација и ниту еден немал контакт со останатите членови на репрезентацијата.
Дуелот против Финска се игра в среда во СЦ Борис Трајковски и почнува во 20 часот додека три дена подоцна следува гостување во Швајцарија, а почетокот на натпреварот е закажан за 18 часот и 30 минути.