Чилеанците се собраа во Сантијаго на голема прослава откако на вчерашниот реферндум со големо мнозинство изгласаа промена на Уставот. Речиси 80% од граѓаните, односно 7,3 милиони луѓе гласаа да се промени уставот кој е истиот уште од времето на диктаторскиот режим и воената хунта на генералот Аугусто Пиноче.
Владејачките конзервативци се согласија со опозицијата на левиот центар да организираат референдум со цел да запрат масовните граѓански протести, кои избија пред една година поради нееднаквите пензиски права и проблемите во образовниот и здравствениот систем на Чиле. На нацрт уставот ќе треба да работат 155 избрани граѓани, наместо телото составено од подеднаков број избрани граѓани и членови на Конгресот. Избраните граѓани ќе работат на нацрт уставот, што треба да биде претставен на граѓаните на Чиле во средината на 2022 година. Претседателот на Чиле, Себастијан Пинера ја призна победата на привразниците на новиот устав, но предупреди дека тоа е почеток на долг процес, кој ќе мора да се изоди со заеднички сили. Граѓаните на синоќешната прослава не можеа да веруваат дека ја постигнаа целта која ја чекаат со години.