Култура

Љубомир Бранѓолица : Операта стои наспроти теретот на комерцијалната музика

Во пресрет на 25 октомври -Светскиот ден на операта , Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт -УНЕСКО  ја лиферуваше  домашната порака, составена од автор и коавтор. Автор е нашиот истакнат композитор Љубомир Бранѓолица, а коавторка, пијанистката и корепетитор, Кристина Пешева- Диновска. Пораката за Светскиот ден на операта ви ја пренесуваме во целост :
Операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња, да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот, да ги изведат на сцена, милениумските митови за природата на човекот и Бог, животот и смртта, љубовта и злото.

Оперските дела не допираат во најисконските длабочини на нашето битие и непрекинато, со стотици години, и покрај повеќе кратните историски теретења за нерелевантност, застареност и елитизам, и понатаму, претставуваат стожер ни уметнички доживувања за оние кои им се изложуваат со доверба и интерес.

Музичкиот театар е изнедрен плод на културата кој преку чудотворната синергија на многуте уметничк изрази го рефлектира човековиот идеал за трансцедентното значење на неговиот живот. Без него би биле празни школки, кои талкаат во потрага по некое слично „волшебно огледало“ во кое би ги виделе сите наши недостатоци и возвишености, би ги уочиле нашата способност за зло и потреба за љубов и во интимноста на нашите срца би ја сфатиле нашата вредност и би научиле да бидеме понизни пред големината на животот; без тој уметнички “апарат“ ние би биле изгубени, а нашиот вредносен компас расипан и бескорисен.

Изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици; театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки. Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отварањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот, и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив,вечно жедни.
Во оваа турбулентна година, кога театарот во живо е во опасност да згасне, побаравме од композиторот Љубомир Бранѓолица, кој со своето долго животно и музичко искуство, е еден од главните композиторски протагонист на македонската оперска и музичка изведбена историја, да упати порака по повод Светскиот ден на операта. Неговите зборовие беа јасни, а пораката кратка и служи како алка на премостување на се поголемиот јаз меѓу традицијата заситена со уметнички богатства и новото време кое допрва ќе треба да ја докаже валидноста на својата замислена вредносна матрица.

Маестро Бранѓолица ни рече: “Денес сме поплавени со забавна музика – брз лек за засенување на секојдневните грижи. Наспроти козметичкиот карактер на овие звуци, натежнати од теретот на комерцијалност, стои наследството на операта. Да не заборавиме дека е значајна; културниот момент на овој медиум кој не воздига и не упатува на традицијата на звукот и содржината, е всушност наследство кое ни е насушна потреба. Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат.“

На сите ви посакуваме мудрост, здравје и храброст. Да живее уметноста, да живее театарот, да живее операта и да живее операта во живо.

Пораката ја чита Кристина Пешева -Диновска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе