Државјаните на четири земји од регионот не треба да поседуваат задолжителен ПЦР тест при влез во Македонија, смета Комисијата за заразни болести и бара тој да се укине.
Анализите на епидемиолозите покажале дека и покрај високите бројки на новозаболени во некои од тие држави, сепак кај нас не се регистрирани голм број на импортирани случаи од овие четири држави што е основата на препораката која е доставена до Владата.
„Комисијата за заразни болести донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР тестирање. Според анализите, во моментов нема индикација, односно нема висок број на импортирани случаи во земјава со ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите. Во Европската Унија сите граници на движење се без ПЦР тестирање“ – соопшти комисијата за заразни болести.
Премиерот Заев најави дека Владата утре ќе донесе одлука и појасни дека станува збор за регионална иницијатива за која се чека одговор од Србија и Бугарија но и дека се работи за неопходни патувања без да прецизира што точно се подразбира тоа.
Црна Гора, Косово и Албанија веќе потврдиле дека и тие ќе ги укинат задолжителните ПЦР тестови за македонските државјани но кога точно засега не е познато.
Во моментов во регионот најниски бројки на нови случаи има во Косово и Србија и тие во последните пет дена се движат меѓу 50 и 110 случаи дневно. Во Црна Гора бројките се движат од 190 до 240 случаи додека во Албанија се околу 150 новозаболени дневно.
Грција соопшти дека до 12-ти октомври останува на сила одлуката според која на македонските државјани им е забранет влез во државата.
Огнен Чанчаревиќ