Клупите празни веќе седум месеци – и ќе продолжат и понатаму да собираат прашина.
Студентите веројатно никогаш претходно не биле одвоени од амфитеатрите подолго од сега. Знаењето ќе им биде доближено преку екран со предавањата преку видео повици.
Проверен е принципот – дури и седниците на Наставно-научниот совет се одржуваат на далечина. Сепак, предавањата лице в лице се незаменливи и студентите сигурно ќе изгубат многу во оваа нова ситуација, вели деканот на Правниот факултет, Горан Коевски.
„Секогаш физичкиот контакт кога со некого разговарате лице в лице е подобар отколку кога е онлајн. Меѓутоа, сите овие алатки современи го овозможуваат тоа. Јас лично имав искуство со група до 100 луѓе каде што интеракцијата беше прилично добра, се вклучуваат и со камера и со глас, дискутирате за одредени теми, интеракцијата е иста како и таа што е со физичко присуство“ вЕЛИ ПРОФ. Д-Р. ГОРАН Коевски.
Но, студентите нема воопшто да не стапнат во зградата каде што се борат да го надоградат знаењето и да се стекнат со диплома. Дел од испитите ќе бидат со физичко присуство.
„Во амфитеатрите ќе се одржуваат испити затоа што овде може да се одржи физичко растојание. Дел од испитите ќе бидат и онлајн. Но, овде нема да има предавања затоа што преголем е ризикот да се соберат многу луѓе во оваа просторија.“
Коронавирусот сепак не ги оневозможи бруцошите да ја почувствуваат возбудата на првиот академски час. Овојпат малку невообичаено – наместо во големиот амфитеатар, собрани надвор на отворено – на платото пред Ректоратот во кампусот на УКИМ.
„Идејата беше да се видат и евентуално да се запознаат. Од 5 октомври продолжиме со онлајн-настава преку платформата Microsoft Teams. Со подготвување на разни прашалници, таканаречени квизови. Тоа се оние колоквиуми или проверка на знаењето во меѓувреме додека трае наставата“ додава коевски.
На соседниот факултет, Филозофскиот денес организираа настан за почетокот на академската година, а на него добредојде посакаа Ректорот на Универзитетот како и министерката за образование.
„Не постои друга алтернатива освен да продолжиме со нашите животи и нашата работа. Пандемијата нѐ принуди да ги промениме долгогодишните работни навики, традиција. Нѐ принуди привремено да ги напуштиме амфитеатрите и незаменливите конвенционални катедри и да ги замениме со дигитални алатки за непречено да продолжиме со наставно-образовниот процес“ изјави Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
„Пред сите нас, а посебно пред младите постои период на предизвици коишто заедно ќе ги совладуваме и од ова ќе излеземе посилни – јас сум сигурна во тоа! Но, исто така сметам дека Вашиот ентузијазам и непоколебливост ќе направи да постигнете значајни резултати и во ваква година во каква што се наоѓаме сега“ изјави Мила Царовска, министерка за образование и наука.
Комбиниран модел на настава, пак, со физичко присуство на стручните вежби ќе има на Медицинскиот факултет, на ФЕИТ, на Архитектура, Технолошко-металуршкиот факултет и Природноматематичкиот.
Петар Догов