Попладнево околу 16 часот на детското одделение при струмичката болница починало деветмесечно бебе од село Банско, а со правовремена интервенција на полицијата е спречен инцидент, откако еден од роднините на детето бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта на детето, изјави директорот на болницата, д-р Наќе Гогов.
- Детето во болницата било донесено во многу тешка состојба со бронхопневмонија. Лекарите веднаш му дале терапија, за да го испратат на Детската Клиника во Скопје, но пред да го испратат на ренген снимање на белите дробови, детето престанало да дише на патот кон одделението за рентген, поточно во лифтот . Докторите 20 минути го реанимирале, но безуспешно, вели за ТЕЛМА, д-р Наќе Гогов.
Дедото на бебето почна да вика по докторите и да ги обвинува за смртта на внучето, по што обезбедувањето на болницата навреме ја повикало полицијата и е спречен поголем инцидент.
- Јас ја разбирам тагата на блиските, но никој нема право да реагира како што не треба, рече д-р Гогов.