Нагло расте бројот на заболени од корона вирусот и во европските земји. Нема сомнеж дека почнува вториот бран, поради што голем дел од земјите од наредната недела ги заоструваат мерките за да се спречи ширењето на заразата. Мадрид од понеделник во нов карантин, откако секојдневно се регистрираат по илјада нозозаразени, што за властите е загрижувачки. Најновите проценки се дека секој четврти е заболен од корона вирус во главниот град на Шпанија. На луѓето ќе им биде забрането да се движат надвор од своите населби, освен за одење на работа или на училиште. Ограничен е пристапот до парковите и јавните места, забрането е и собирање на повеќе од шест луѓе. Во дворот од воената болница во Мадрид подготвени се зелените шатори на Црвениот крст, но тие се засега празни.
И Велика Британија бележи најмногу новозаразени од почетокот на мај. И тука од вторник се враќаат рестриктивните мерки. Контактот меѓу различни домаќинства ќе биде забранет, а работното време на угостителските објекти ќе биде ограничен. Виена ја губи битката со вирусот, се насловите во австриските медиуми, откако властите од утре воведуваат мерки за спречување на заразата. Австрија на овој начин исто така сака да ја минимализира статусната и економската штета која почна од почетокот на неделава, кога дел од европските држави ја ставија Австрија меѓу ризичните земји за патување.
Франција вчера имаше црн рекорд на починати – 123-ца што е најмногу во последните 3 месеци, но и бројот на заболени е се поголем, над 13 илјади. Големи бројки на нови случаи се белажат и во соседните Бугарија и Грција.
Во меѓувреме, додека се чека официјалната вакцина, СЗО повикува на глобална и меѓународна соработка за да се избориме со оваа пандемија која нема да биде последна.