Сите оние кои сакаат да го продолжат отсуството од работа поради хронична болест имаат рок до 23 септември за тоа да добијат потврда од специјалист, во спротивно се враќаат на работа. Освен датумот за враќање, здруженијата на лица со хроничи болести и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска договориле и пуштање дополнителни термини во „Мој термин“, за лицата со хорнични болести да можат до 23 септември да ја извадат потребната потврда за продолжување на отсуството.
„Ќе се даде време и простор луѓето да можат да одат на преглед или да се слушнат со својот доктор. Доколку се во многу лоша состојба, да може тоа да се врши преку е-амбуланта, значи телефонски и преку интернет, а од друга страна разговаравме да се направат дополнителни термини, по можност во попладневните часови, со цел да не се направи турканица“, информира Весна Алексовска од Здружението на граѓани за ретки болести, „Живот со предизвици“.
За претставниците на лицата со хронични болести клучно е одлуката за некој да се врати на работа да се носи врз индивидуален пристап.
„Фактор кој решава дали одреден работник, заболен, ќе оди на работа или нема да оди, ќе биде мнението на специјалистот. И тоа ќе биде конечно и тоа ќе биде уважено“, смета Пепо Леви од Здружението на пациенти со ХМЛ.
Досега ослободувањето од работа се правеше врз основа на шифра на болест, а не врз реалната здравствена состојба на пациентот.
„Веројатно имало и злоупотреби. Многу е тешко да се каже кои од луѓето ги искористиле тие дијагнози, доколку имале таква дијагноза. Во рамките на некои белодробни болести, еве на пример астма, има луѓе кои што се сосем добри и користат терапија и можат да ги извршуваат нормалните активности, а има луѓе кои што се некогаш врзани за потреба да примаат кислород. Од тука нашиот став и заклучок е дека само лекарот специјалист може да каже, кој може да ги извршува нормалните активности, а кој пациент треба навистина да биде заштитен и да не оди на работа“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
И здруженијата и министерот уверуваат дека нема простор за паника. Мерката, вели Филипче, е направена така да ги заштити ризичните пациенти и дека ќе има доволно термини до 23-ти, сите на кои им е потребно, да извадат потврда од специјалист. Во спротивно, рокот за враќање на работа би можел да се пролонгира за една недела.
За се ова да се реализира денеска се усвоени и измени на Правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување.
„Ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда и за отсуство од работа на неопределно време или за одредено време, многу подолго отколку што сега беше дозволено, без притоа да има контролни прегледи, враќање по комисии, дополнителни испитувања“, вели Филипче.
Здруженијата лицата со хроничи билести и Филипче разговарале и за ослободување од работа и на родители на деца со високоризични болести, но и на оние кои имаат потврда од специјалист од приватна болница, што дополнително ќе треба да се уреди.
Тамара Грнчароска