Вести Македонија

Осуден насилник за напад и тепање новинари по одлежан затвор повторно си работи во градската администрација- нов насилник вчера нападна новинарка

Со брза новинарска и полициска реакција најден е и приведен напаѓачот кој на вчерашниот митинг ја нападна новинарката Милка Смилевска. Сега против него ќе следува пријава. Партиите се препукуваат, а новинарските асоцијации осудуваат. Досега само еден напаѓач на новинари е осуден на затвор, а откако ја одлежал казната повторно работи во град Скопје.

Партиски осуди и препукувања, но и осуда од зновинарските здруженија и синдикати стигнаа по уште еден напад врз новинар за време на работната задача- да ги известува граѓаните. Се случи на вчерашниот протест на опозицијата. Маж нападна новинарка од зад грб, откако ја прашал дали работи за Ал Џазира и го удри микрофонот.

Во прв момент успеал да се скрие. Но упорната колешка Милка Смилевска го забележала и почнала да го снима, а тој повлекувајќи се налета на полицаец.

Смилевска денеска вели дека реагирала преку социјалните мрежи за да алармира на состојбата и граѓаните да сфатат дека новинарите работат за да ги информираат, а не да бидат напаѓани на терен. Полицијата соопшти дека напаѓачот е приведен и ќе добие соодветна пријава. Партиите го осудија инцидентт и си разменија жестоки удари преку соопштенија.

РЕАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ: Повикуваме да се расветли настанот од вечерашниот протест и воедно ги повикуваме надлежните органи да ги расветлат сите случаи на попречување на работа на новинари, насилство врз новинари, случаи на физичка пресметка кои власта на Заев ги става под тепих. Воедно ВМРО ДПМНЕ ги осудува и случаите кога се врши политичко судски прогон врз новинари кои се критички настроени кон носителите на јавни функции, како и притисоците врз медиуми.

РЕАКЦИЈА НА СДСМ: За поздравување е тоа што институциите брзо реагирале, очекуваме и соодветна казна за извршителите на нападот. Нападот врз новинарски екипи уште еднаш го потврди насилничкиот и понижувачки однос на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и новинарите. Заробена во сопствената деструкција, и во опозиција, исто како и на власт, ВМРО-ДПМНЕ во медиумите гледа единствено непријатели.

Пред 3 и пол години на првиот протест За заедничка Македонија брутално беше нападната екипата на А1он. Со потрес на мозок и модрици завршија снимателот Владимир Желчевски и новинарот Александар Тодевски. Еден од напаѓачите беше фатен и доби 6-месечна затворска казна од судот.

-На судот се бранеше со молчење. Неговата адвокатка не дојде. Ништо не кажа, не кажа ниту кој бил со него за време на нападот. Само не праша дали го препознаваме и ние одговоривме: Да. Сега по издржување казна затвор повторно работи во град Скопје, како редар, изјави За Телма, нападнатиот новинар Александар Тодевски.

Од град Скопје потврдија дека напаѓачот е вратен на работа откако одлежал казна затвор помалку од 6 месеци и законски му е овозможено да се врати на местото во градската власт. Ова е прв и единствен случај на затворска казна за физички напад врз новинари.

И покрај барањата за поголема заштита за медиумските работници со законска измена, новинарите да се третираат како овластени лица додека известуваат, засега единствено е интензивирана борбата против насилсниците и откривање на оние што се закануваат на новинари и шират омраза против нив на интернет.

Заштитата на новинари е точка и во мандатното писмо кое Заев му го врачи на министерот за внатрешни.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе