Македонија Најважни

Прослава под маски за 29-тиот роденден на државата

Свеченото менување на државното знаме ја отвори прославата на 29-тиот роденден на државата. Прослава под маски и во владиниот двор. Првиот ден на независноста кој Република Северна Македонија го слави како земја членка на НАТО.

Гардистите под маска го пречекаа со рапорт врховниот командант, претседателот Стево Пендаровски. Тој претходно преку видео порака упати честитки до граѓаните ги повика да ги контролираат политичарите и посака единство на власта и опозицијата во остварување на новата цел, по НАТО и успешни преговори за членство во Европската Унија.

-Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани. Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, Вие граѓаните да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес, рече во видео-браќањето Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија. 

И домаќинот на прославата, премиерот Зоран Заев имаше слична порака. Единство на сите во борба за место во Брисел.

-Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние, како и досега, ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. Во таа насока ја повикувам опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување, рече премиерот Зоран Заев во својот говор на прославата. 

Македонија на овој ден 1991-ва гласаше на референдум. Изгласа за независност со повеќе од милион гласови. Во колективната меморија остануваат овие снимки од прославата  на скопскиот плоштад, огномет на ноќното небо над Кале, малку шампањ и кратката моќна честитка на тогашниот прв претседател Киро Глигоров.

29 години подоцна, Републиката е на истиот пат кон запад, сега со ново име, со членство во НАТО, со друго знаме, со два потпишани меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија кои како што рекоа и Пендаровски и Заев го отворија затворениот пат на државата. Но она што го има во скромни количества во Македонија е правдата и почитување на законите, иако граѓаните очекуваа и се уште очекуваат големи чекори на тој пат. Ветување има, сега и празнично.

-Мирот не се остварува само и исклучиво тогаш кога нема конфликти и тензии, туку тогаш кога е максимално присутна правдата и владее правото. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Таа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните, порача Заев на прославата.

Во говорот премиерот потенцираше дека најголемиот предизвик е борбата со корона-вирусот, најави економското преструктуирање и зелена еколошка транзиција на државата. Сето тоа на денот кога како што ќе рече идните поколенија го одбија најголемиот подарок, независноста.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Русија прославува 80 години од Денот на победата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе