До крајот на неделата ќе завршат консултациите за заменици-министри. Потоа, премиерот Заев ќе ги достави до Собранието. Уверува дека нема никакви проблеми и несогласувања меѓу коалициските партнери и дека се бараат најдобрите решенија за овие позиции. Се очекува ДУИ да има заменици во министерствата за внатрешни работи, здравство, правда, транспорт и одбрана, БЕСА во образование и во култура, а СДСМ нема да има заменици во сите други министерства, бидејќи треба да остави простор за помалите коалициски партнери. Според Заев, не постојат проблеми ни во Собранието при конципирањето на работните тела, односно – не поголеми од вообичаено, па очекува конечен договор деновиве. Во сите комисии мнозинство ќе има владеачката коалиција освен во Комисијата за надзор на следењето на комуникациите. Претседателските места се договорени: по 8 за СДСМ и за ВМРО ДПМНЕ, 3 за ДУИ и 2 за Алијанса-Алтернатива.
Опозициската партија очекува да ги задржи претседателските позиции што ги имала во претходниот парламентарен состав. Предлозите ги доставила, а проблемот го гледа кај владеачките партии.
Шпекулациите се дека камен на сопнување била Комисијата за европски прашања, но и дека собраниска седница би можело да има до крајот на неделата. Спикерот Талат Џафери рече дека седницата ќе ја закаже кога партиите ќе го известат дека постигнале договор и дека на Комисијата за избори и именувања е утврден заеднички предлог.
Соња Николовска