Претстои уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките за Ковид -19, изјави министерот за здравство Венко Филипче во виде обраќање.
Тој истакна дека светската здравстевна криза предизвикана од новиот коронавирус е најголемата во последните 100 години.
На шест месеци откога беше регистриран првиот случај во земјата, Филипче им се заблагодари на граѓаните за поддршката што ја даваат во борбата против вирусот.
„Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден живот“, рече Филипче.
Досега од избувнувањето на епидемијата на Ковид -19 во земјава, вкупната бројка на дијагностицирани лица достигна 14.163, оздравени се 10.933 луѓе, а починаа 590 лица. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 2.640 луѓе. Досега во земјата се направени 145.705 тестирања.
Филипче исто така рече дека вирусот иако изморува, но дека ситуацијата со вирусот „нема да трае вечно.“
„Од ден во ден сме се поблиску до надминување на кризата“, рече Филипче.
Тој исто така укажа дека есента ќе донесе многу ризици и дека вирусот е исклучително непредвидлив. Филишче упати апел до сите граѓани да бидат максимално претпазливи.