Избори 2020 Македонија Најважни

Заев до Собранието ќе го достави предлог составот и програмата на новата Влада

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во 11 часот ќе го достави до Собранието предлог составот на новата Влада и програмата за нејзина работа.

Поднесувањето на предлог составот на новиот владин кабинет следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом.

Новата Влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Јетон Шаќири.

Зоран Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски на 13 август, по што имаше рок до 2 септември за доставување на предлог составот и програма на Владата.

Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Владината коалиција што ја сочинуваат  СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телото на папата Франциск изложено во отворен ковчег во капелата Света Марија во Ватикан

Дејан Дејан

Пет пациенти од пожарот во Кочани се лекуваат во Македонија, 44 во странство

Дејан Дејан

Синдикатот на културни работници денеска излегува на протест

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе