Англискиот фудбалер, Хери Мегваер доби суспендирана казна затвор од 21 месец откако грчкиот Суд го прогласи за виновен по сите обвиненија по инцидентот во ноќен клуб на Миконос.
Фудбалерот на Манчестер јунајтед минатиот петок беше упсен на грчкиот остров заедно со неговиот брат и уште еден пријател поради тепачка во ноќен клуб. Тој беше пуштен да се брани од слобода и веднаш замина за Манчестер, а неговите адвокати го застапуваа денеска на судењето, што се одржа на островот Сирос.
Грчкиот суд го прогласи за виновен по сите три обвиненија, физички напад, давање отпор при апсење и обид за поткуп на службено лице и му изрече казна затвор од 21 месец. Со оглед на фактот дека ова е прв прекршок на Мегваер, тој добива суспендираната казна, односно нема да лежи во затвор.
Англичанецот веднаш објави соопштение и најави дека ќе се жали на пресудата
„Го контактирав мојот адвокатски тим да ги информира грчките судови дека ќе се жалиме на одлуката. Силно ја истакнувам мојата невиност во овој случај во кој јас, моите пријатели и моето семејство се жртви“, стои во соопштението на капитенот на Манчестер јунајтед.
Според адвокатите на Мегваер, тепачката на Миконос избила откако двајца Албанци и подметнале дрога за силување на сестрата на Мегваер, која исто така била со него на летен одмор во Грција. Откако настанала мешаница во клубот се појавила полицијата.
Обвинителите тврдат дека Мегваер, неговиот брат и уште еден нивни пријател, прво ги навредувале полицајците, а потоа и турнале еден од нив на земја. Давале отпор при апсењето, а потоа ѕвездата на Јунајтед и пријателите нуделе мито за да бидат ослободени. Мегваер вели дека полицајците го провоцирале и го удирале по нозете и наводно му рекле, „кариерата ти е завршена“.
Фудбалерот мина две ноќи во притвор и во понеделникот замина за Манчестер. Неговиот клуб јавно му изрази подршка, а селекторот на англиската репрезентација, Герет Саугејт дури и го повика за настап во Лигата на нации во септември.