Али Ахмети нема намера да го измени списокот на предлог-министрите. И покрај противењето на ограноците од Чаир и Сарај, од ДУИ брифираат дека кандидатите за Извршната власт веќе добија виза од партиските тела и раководството нема намера да прави промени. Сепак, продолжуваат разговорите на Ахмети со Изет Меџити, Арбен Зибери и другите пратеници кои одбиваат да ја гласаат новата Влада, доколку од неа не отпадне Бујар Османи или Артан Груби. Се очекува недоразбирањата да се надминат, за да може да се смета на мнозинство од 62 пратеника.
Целиот предлог состав на новата Влада деновиве треба да биде испратен во Собранието. Досегашниот министер и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски очекува веќе наредната недела Владата да биде изгласана.
Мандатарот Зоран Заев за ТВ 21 појаснува дека предлогот за Влада ќе биде испратен во Собранието откако ќе се определи бројот на потпретседатели на Законодавниот дом и откако ќе се верификуваат мандатите на пратениците кои се следни на листите. Тоа може да значи дека Заев, Шеќеринска, Димитров, Царовска, Спасовски, Николовски и Шахпаска, кои треба да бидат предложени за министри, прво ќе си дадат оставки од пратеничките функции. Истовремено, ДИК ќе треба да одржи седница и да им издаде уверенија на наредните од кандидатските листи а Собранието да ги верификува.
Со тоа, рокот за поднесување предлог на Влада не се поместува – истекува на 2 септември, по што спикерот Талат Џафери има рок од 15 дена да закаже седница за избор на Влада. До тогаш, лидерите на главните коалициски партнери, Заев и Ахмети, имаат време да ги уверат пратениците на Коалицијата „Можеме“ и на ДУИ дека ова е вистинскиот владин состав кој во наредните четири години ќе ја „движи државата по европскиот пат“, како што се наведува во соопштението од СДСМ.
Соња Николовска