Бранителот на трофејот Торонто со победа ја отвори серијата од првата рунда во разигрувањето за шампионската титула. Стартна победа обезбеди и Лос Анџелес Клиперс во дуелот против Далас.
Торонто го совлада Бруклин со 134:110 и ја забележа првата победа во стартната рунда од плеј офот. Фран Ван Флит забележа 30 поени и 11 скока, Серж Ибака имаше учинок од 22 поени и седум освоени топки под обрачите додека Кајл Лаури впиша 16 поени и шест асистенции. На спротивната страна прв стрелец со 26 поени беше Тимоти Луваву.
Лос Анџелес Клиперс славеше над Далас со 118:110. Каваи Ленард мечот го заврши со 29 поени, 12 скока и шест асистенции, Пол Џорџ беше стрелец на 27 поени, а Маркус Морис додаде 19 поени и шест освоени топки. Во составот на Далас перфектен натпревар одигра Лука Дончиќ со учинок од 42 поени, девет додавања и седум скока, но огромен хендикеп за тимот од Тексас беше исклучувањето на Кристапс Порзингис кој мораше предвреме да го напушти паркетот.
Во останатите два дуели Бостон триумфираше над Филаделфија со 109:101, а Денвер по продолжение од пет минути ја совлада Јута со 135:125.