Свет

Самит без крај – ЕУ четврти ден по ред трага по консензус

По три дена интензивни преговори во Брисел – се уште нема договор меѓу европските лидери за финансискиот пакет за справување со последиците од глобалната пандемија корона вирус.

Претставниците на 27-те земји членки, како и претседателот на ЕК, Шарл Мишел и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен во раните утрински часови го прекинаа маратонскиот самит и закажаа продолжување на разговорите во 16 часот попладне.

Разговорите се фокусирани на предложениот пакет во висина од 1,68 трилион евра, кој ги содржи 7 годишниот буџет и фондот за ревитализацијата на економијата по епидемијата Корона вирус.

Според информациите од Брисел, источноевропските земји се против условувањето на доделувањето на паричната помош со принципите на владеењето на правото, додека јужноевропските држави ги отфрлаат барањата на првично ткн скромни 4, сега веќе 5 држави – Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Данска – за инсистирање на економски реформи како услов за финансиската помош.

Како никогаш досега не сме биле волку поделени, оцени премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.

Трет ден преговори. Морам да кажам дека претседателот Мишел нема лесна задача пред себе. Ретко во последните 7 години сум видел толку дијаметрално спротиставени позиции во толку многу прашања. Се уште има 3 крупни теми за кои треба да се договориме, пред се квантитетот на парите. Мислам дека ни треба буџет, особено финансиска помош која ќе одговори на потребите на оваа криза, вели белгискиот премиер, Ксавиер Бетел.

Холандскиот премиер, Марк Руте, најжестоко се противи на предложените планови и бара средствата кои ќе се доделат ако грантови да се ограничат на 350 милијарди евра , преферирајќи заеми под строги услови.

Фондот за заздравување првично требаше да вклучува 500 милијарди евра доделени како грантови и 250 како заеми.

Дополнителни тензии создава условувањето на помошта со прашањето за владеење на правото. Ваквото барање , зад кое силно застана и Франција, пред се ќе има последици на земјите како Полска и Унгарија, кои минатите години беа цел на силна критика од Брисел.

Европскиот суд на правдата исто така ги критикуваше заради нападите против независноста на судството, медиумските слободи и третманот на бегалците во Унгарија.

Орбан негира дека тој е проблемот и сета вина ја префрли на холандскиот премиер, Марк Руте. Ако некој не го почитува владеењето на правото, веднаш треба да ја напушти ЕУ, додава унгарскиот премиер.

Ако договорот е блокиран тоа не е заради мене, туку заради типот од Холандија (Марк Руте), затоа што тој нешто направи. Затоа јас стојам зад статус квото како што е денеска, во однос на владеењето на правото, финансиската контрола на буџетот и тие работи. Тоа мислам дека е ОК. Тие сакаат да имаме нешто што нема да биде доволно добар квалитет според нашиот став. Ако се случи проблем, тоа ќе биде заради нив а не заради нас. Затоа, иако јас не ја сакам играта со обвинување, човекот од Холандија е вистински одговорен за целата збрка во која се наоѓаме, изјави Орбан.

Очигледно, ЕУ ја очекува уште еден тежок ден преговори, без голема сигурност дека самитот ќе заврши со среќен крај.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Во поплави во Конго 62 лица го загубија животот, а 50 се водат како исчезнати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе