Лидерите на земјите членки на Европската Унија кои на специјалниот самит под маски во Брисел се обидуваат да постигнат согласност за пакетот за справување со економските последици од пандемијата коронавирус, започнале со работа во групи каде се разгледува предложениот компромис.
Лидерите утринава повторно се собраа околу преговарачката маса, на вториот ден од самитот, откако доцна синоќа не успеаа да ги надминат несогласувањата.
Два часа подоцна , работата на самитот продолжила во таканречената фаза на консултации, кога дискусиите се водат во помали групи.
Ова е генерално добар знак, бидејќи значи дека новиот предлог на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, наишол на добар прием и преговорите можат да продолжат.
Холандски дипломатски извор изјави дека иако постојат уште многу прашања за кои треба да се постигне договор, предлогот на Мишел е сериозен чекор во вистинската насока.
27-те европски лидери, на кои им се придружија и Мишел и претседателката на европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го разгледуваа првичниот предлог за финансискиот пакет во износ од 1 трилион евра.
Комисија прво најави фонд за финансиска помош во висина од 750 милијарди евра и го поддржа француско-германскиот предлог со кој поголем дел од оваа сума, вкупно 500-тини милијарди, треба да бидат доделени како грантови на земјите членки кои имаат најголеми економски последици од пандемијата Ковид-19.
Разговорите заглавија околу разликите за условите кои се поставени за пристап до овие пари. Јужните земји членки , особено Италија и Шпанија, се залагаат за актуелниот предлог , но нив им се спротиставуваат 4-те држави – Австрија, Данска, Шведска и Холандија, кои бараат средствата кои се доделуваат како грант да бидат намалени и стравуваат од можноста финансиски послабите држави да ја зголемат својата задолженост.
За да ги отстрани забелешките на побогатите држави, Мишел сега предлага да се намали износот на средствата кои се доделуваат како грантови од 500-тини на 450 миијарди евра. Истовремено се зголемуваат средствата кои од буџетот на ЕУ ќе завршат во Австрија, Данска и Шведска.
Дали предлогот на Мишел е доволен за да се надмине спорот меѓу земјите членки ќе биде познато на крајот од вториот ден од самитот, но секако е добра можност по вчерашниот прв ден кога генералната оценка беше дека во ЕУ постојат длабоки поделби.
Самиот на ЕУ се одвива под силен здравствен протокол а сите лидери носат маски.
Безбедносните и здравствените протоколи се составен дел и од подготовката на работата на европските лидери. Специјални тимови и денеска извршија темелно чистење и дезинфекција на салата во која заседава Европскиот совет
Никола Илиевски