На Избирачкиот список се запишани точно еден милион 814 илјади 263-ца граѓани.
Поделени се во шест изборни единици, а во нив, општина со најголем број гласачи е Куманово со 93 илјади 600, а општина со најмал број гласачи е Лозово – помалку од 2 илјади.
ДИК го заклучи списокот четири дена пред крајниот рок, што повторно го отвори прашањето дали за додавање на лицата кои полнат 18 години во периодот од 12-ти април до 15-ти јули, се неопходни 50 дена или помалку.
На посебни изводи од овој список се: 83 илјади граѓани на привремен престој во странство, илјада и 600 кои отслужуваат затворска казна, 357 сместени во старски домови и 6 лица кои се уште се водат како внатрешно раселени.
Избори ќе се организираат на 3 илјади 750 избирачки места. 90 предвидени места нема да се отворат бидејќи имаат помалку од 10 гласачи.
Почна пријавувањето за гласање на 13-ти и 14-ти јули.
Во општинските изборни комисии до 8 јули треба да се пријават болните од ковид и лицата во самоизолација за да гласаат во домашни услови во понеделник, а другите болни и изнемоштени лица за гласање во вторник.
Оние кои ќе добијат позитивни тестови меѓу 8 и 15-ти јули, нема да можат да гласаат.
Соња Николовска