Македонија

Свежи имиња, но познати презимиња – избрани слушателите на Aкадемијата за судии и обвинители

Свежи имиња, но познати презимиња. Следната генерација на политички и правосудни семејства широко е распространета на листата од 60 избрани слушатели на Aкадемијата за судии и обвинители кои по две години настава ќе треба да ги облечат тогите и да ја делат и спроведуваат правдата во судниците низ државата.

Прв на листата е Драган Петрушевски, стручен соработник во Врховниот суд. Победил, а нема позната врска со функционер. Но на остатокот на листата меѓу новите кандидати е избран синот на спикерот Талат Џафери, кој е 14-ти на генералната кандидатска листа, а прв на листата на нови слушатели од албанска националност. Џафери ни потврди дека синот кој е стручен соработник во гостиварското обвинителство ги поминал тестовите и е избран, а веќе има запишано и докторат по право.

На листата избрани е и синот на првиот човек на судскиот Совет Кирил Здравев. Доколку после две години синот се кандидира пред судскиот совет за да стане нов судија, тогаш Здравев нема да може да седи во судскиот совет и да го разгледува тоа барање. Претседателот на советот Здравев ни кажа дека нема да дозволи на било каков начин да биде прекршен законот.

Избрана е и втора семејна генерација на три обвинителки, ќерката на обвинителката во државното обвинителство Лилјана Спасовска, ќерката на Гордана Смаќоска од обвинитеството за организиран криминал како и синот на поранешната заменичка на Јанева во СЈО Елизабета  Јосифовска.

Обвинителката Спасовска била и член на Управниот одбор на Академијата но ја суспендирала својата функција затоа што кандидатка станала и нејзината ќерка. Во списокот кандидати има и син на врховен судија, снаа на генералниот секретар на Парламентот, како и сопруга на висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Сите се избрани во долг, транспарентен и правичен процес на селекција, а на сите незадоволни им беше овозможено двапати да поднесат жалби и приговори, ни истакна директорката на Академијата за судии и обвинители Наташа Габер Дамјановска.

На сајтот на академијата се објавени сите податоци за текот на изборот и селекцијата на кандидатите кој траеше околу една година. Роднинската врска со функционери и активни судии и обвинители не е забранета со актуелните прописи.

Габер ни посочи дека најголем дел од кандидатите се досегашни стручни соработници во правосудните институции, има и вработени правници од државна администрација како и адвокати. Адвокат по професија е најслабиот кандидат кој е избран за слушател во седмата генерација на академијата.  На општата листа е 252-ри по бројот на освоени поени, но како кандидат по националност е примен за да учи на академијата за судии и обвинители.

Меѓу избраните стручни соработници со долгогодишен стаж во судовите и обвинителствата е и стручната соработничка од тимот на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, потоа портпаролката на скопскиот граѓански суд, како и искусни стручни соработници од битолска и скопска апелација.

На конкурсот се пријавиле 314, а избрани за слушатели се 60 односно секој 5-ти пријавен.

Во македонските судови и обвинителства има десетици испразнети судиски и обвинителски позиции, а сега според законот за секој нов судија и обвинител задолжително е да се има завршена Академија за судии и обвинители.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна

Дејан Дејан

Ивановска: Собранието ги избира членовите на ДКСК и тоа треба да го зајакне надзорот

Дејан Дејан

Осомничени уште три лица во предметот „Адитив“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе