Принципот на индивидуални заслуги ќе има сè позначајна улога во распределбата на европските средства,изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Еди Рама во Тирана. Напредокот на реформите во земјите од Западен Балкан ќе биде клучен и за парите што државите ќе ги добијат како дел од четвртата транша од Планот за раст.
- Црна Гора е на крај од преговорите, се надевам годинава, Албанија би можела да го стори истото следната година и гледаме дека тие што испорачуваат реформи одат напред, а тие кои не, не можат. Го гледаме истиот образец и во Планот за раст; Европската унија штотуку ја завршува проценката. Црна Гора има спроведено 94% од своите реформи и наскоро ќе добие 81 милион во следната рунда на плаќање, додека Албанија има спроведено 80% и ќе добие 185,6 милиони евра. Северна Македонија има спроведено 56 проценти и ќе добие речиси 71 милион, изјави Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Кос дополни дека се планира и зголемување на овој финансиски пакет за земјите што постигнале најдобри резултати, па така Црна Гора и Албанија се очекува да добијат дополнителни 15%, додека Македонија дополнителни 10%.
Концептот на единствен регионален пристап кон процесот на интеграција, според неа, постепено се губи, а покрај реформите, брзината со која секоја земја ќе напредува кон ЕУ ќе зависи и од нејзините сопствени политички одлуки.Рече дека постои силна поддршка од земјите-членки за овој пристап заснован на заслуги. Нагласи дека гледа можности за сите држави: нов почеток во Србија, политичка стабилност во Косово, а има шанси и за Македонија и за Босна и Херцеговина после изборите.
Повторно зборуваше и за новата пристапна стратегија на Европската комисија за постепена интеграција, што има за цел да ги приближи земјите кандидати кон ЕУ пред полноправното членство,но не претставува негова замена. Сакаат да отворат повеќе сегменти од заедничкиот пазар и да ја прошират соработката во дигиталната и безбедносната сфера, но и овие можности ќе зависат од напредокот во преговорите.













