Со модрица на окото Сара Ѓоргиеска се појави во охридскиот суд, но не се соочи со Кристијан Корабоски, обвинетиот за нејзиното претепување. Корабоски се гони за три кривични дела, нанесување телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Судијката Александра Поп Стефанија кој го води предметот пред присутните само информираше дека Корбоски се наоѓа во притворското одделение на судот и првично не кажа зошто не е во судница.
Одбрната на Корабоски побара изземање на сите обвинители, а претходно нивното барање за изземање на судијката Поп Стефанија и уште двајца нејзини колеги беше одбиено.
„Мислам дека заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста која ја има обвинетиот, Кристијан Корабоски. Еве видовте, не беше присутен во судницата, тој беше присутен во судот, во притворското одделение. Обвинетиот мора да се појави. На наредното мора да се појави, да биде присутен тука“ – вели Ѓоко Шајн, адвокат на оштетената.
За изземање на охридските обвинители одлука треба да донесе вишото обвинителство. Барањето на одбраната на Корабоски било поднесено непосредно пред почетокот на рочиштето. Адвокатот на оштетената додаде дека таа воопшто не била прашана дали ќе и пречи обвинетиот да биде донесен во судница.
Корабоски првично беше приведен на 15 ноември а потоа му беа изречени смао мерки на претпаливост. По реакциите во јавноста и објавата на социјалните мрежи на мајката на жртвата повторно беше приведен и заврши во притвор. Следното рочиште е закажано за 1 декември.













