Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Европските лидери без договор за новиот буџет

/

Свет

Сподели преку :

Зад несогласувањата околу буџетот стојат различни национални приоритети, но и спротивставени претстави за тоа како треба да изгледа идната Европа. Додека едни бараат повеќе средства за новите безбедносни и економски предизвици, други инсистираат дека тоа не смее да биде на сметка на земјоделството и развојот на помалку развиените региони.

По повеќечасовните разговори во Брисел, европските лидери не успеаја да ги усогласат позициите за буџетот за периодот од 2028 до 2034 година.

Во основата на спорот е прашањето дали Унијата треба да троши повеќе за новите безбедносни и економски предизвици или да ги зачува средствата за политиките што со децении се темел на европската солидарност.

Дел од земјите, предводени од Германија и другите држави што издвојуваат најмногу средства во европскиот буџет, бараат ограничување на трошоците и намалување на националните придонеси.

Други пак предупредуваат дека дополнителните кратења ќе ги погодат земјоделството и посиромашните европски региони, кои во голема мера зависат од европската финансиска поддршка.

Имавме корисна и многу интересна дискусија, и на пленарната седница и во одделните работни групи. Но, не постигнавме договор. Во однос на вкупниот износ на буџетот, некои земји членки побараа дополнителни намалувања. Повеќето се противат на нови кратења, а некои дури предложија да се вратат дел од претходните намалувања, особено кај кохезионата политика, изјави претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.

Станува збор за европските фондови од кои се финансираат патишта, железници, водоводи, локални економии и проекти во помалку развиените региони. Токму тие средства се еден од главните инструменти со кои Брисел се обидува да ги намали разликите меѓу побогатите и посиромашните делови на Унијата.

Предлогот на Кошта веќе предвидува буџет од околу 1.780 милијарди евра, што е за приближно 204 милијарди помалку од првичниот предлог на Европската комисија. Но, ниту ова намалување не беше доволно за да се постигне компромис. Дополнителен проблем останува и прашањето за новите извори на приходи со кои Унијата би финансирала дел од своите амбиции, без значително да ги зголемува придонесите на земјите членки.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по разговорите призна дека патот до договорот останува тежок.

„Денешните разговори беа корисни, но останува уште многу работа. Сега треба да се состават сите делови од сложувалката. Тоа ќе биде предизвик, но сите знаеме дека ни е потребен договор“ – рече претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

Преговорите продолжуваат, а нова можност за политички компромис е самитот закажан за 17 и 18 декември. За усвојување на седумгодишната финансиска рамка е потребна согласност од сите земји членки, а потоа и одобрение од Европскиот парламент.

Дотогаш, останува отворено прашањето дали Европа ќе успее да ги усогласи своите нови амбиции со старите обврски – и да договори буџет што ќе ги одразува интересите на сите 27 членки.