Премиерот на Албанија Еди Рама го повтори своето барање за дијалог со студентите и младите луѓе кои протестираа во Тирана.
Денеска тој постави голема маса со натписот „Дијалог“, а околу неа се поставени столчиња, во симболичен обид да се создаде влада што ќе ги покани демонстрантите на разговорите.

Ова е уште еден обид, по дрвените столчиња и бетонските клупи поставени во претходните денови, со кои премиерот ги повикува студентите на дијалог. Сепак, претходните покани не беа прифатени од демонстрантите, кои продолжија да се спротивставуваат на дијалогот со премиерот и бараат негова оставка.
Во синоќешните протести во Албанија, осум лица добиле медицинска помош поради повреди здобиени за време на протестот во Тирана – меѓу повредените се пратеник, полицаец, новинар и демонстранти.
Демонстрантите во текот на протестите ја запалија општината, како и влезната врата на Министерството за животна средина во центарот на Тирана, додека безбедносните сили употребија големи количини солзавец за да ја растераат толпата на плоштадот Скендербег.
Масовните антивладини протести во албанската престолнина ескалираа во судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако учесници на протестот фрлаа камења и пиротехнички средства кон безбедносните сили и државните институции. Полицијата интервенираше со водени топови и солзавец, додека на повеќе локации во градот беа запалени контејнери и поставени барикади.

Студентски и граѓански групи изразуваат незадоволство поради економските услови, високите трошоци за живот, иселувањето на младите и состојбите во образовниот систем. Дел од демонстрантите сметаат дека Албанија се соочува со сериозни проблеми поврзани со вработувањето, социјалната сигурност и перспективите за младите.












