Илјадници граѓани вчера излегоа на протести во Приштина, барајќи поефикасна заштита на жените од насилство.
Демонстрантите истурија црвена боја врз владини објекти по убиството на 49-годишната Арлинда Зекај, која во неделата беше убиена пред својот дом во близина на Пеќ.
Според податоците наведени во извештајот, таа е осма жртва на семејно насилство во Косово годинава.
Организаторите на протестот обвинија дека институциите не обезбедуваат соодветна заштита за жените и побараа одговорност од надлежните.

Зекај, која имала американско и косовско државјанство, наводно претходно побарала заштита од институциите, предупредувајќи дека стравува за својот живот.
Нејзиниот зет, осомничен за убиството, бил уапсен во понеделникот вечерта, по бегство од местото на настанот.
Косовскиот премиер Албин Курти побарал детални извештаи од министерствата за правда и за внатрешни работи за пропустите во постапувањето на институциите.
Тој најави дека извештаите ќе бидат објавени во јавноста.

Иако Косово има законски мерки за борба против насилството врз жените, активистите предупредуваат на недоволна координација меѓу полицијата, социјалните служби, обвинителството и судовите.












