Црна Гора затвори уште три поглавја од преговорите, со што вкупниот број на затворени поглавја се искачи на 21. На меѓувладината конференција за пристапување кон Европската унија, таа ги затвори преговорите во поглавјата за економска и монетарна политика, статистика и социјална политика и вработување.
Премиерот Милојко Спајиќ на прес-конференција изјави дека со затворањето на трите поглавја е создадена јасна рамка за економска и монетарна стабилност.
„Имаме подобра заштита на граѓаните и правата, подобри услови за работа, поголеми можности за вработување и социјална инклузија“, рече Спајиќ.
Комесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос, изјави дека ЕУ целосно ја поддржува амбицијата на Црна Гора да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на оваа година. „Ја поддржуваме вашата амбиција, сега е одлучувачкиот момент“, рече Кос.
Таа нагласи дека преостанатите реформи, особено оние поврзани со владеењето на правото и уставните измени, „не можат да чекаат“. Црна Гора е на чело на процесот на проширување и, од сите земји-кандидатки, таа најдалеку напредна на патот кон членство во Европската унија.
Таа ги повика Владата и опозицијата да работат заедно, да прават компромиси и да преземат одговорност за одлуките што треба итно да се донесат, наведувајќи дека ако не го сторат тоа, ја ризикуваат иднината на земјата.
Ирскиот министер за европски прашања и одбрана Томас Берн истакна дека пристапот на Црна Гора покажува дека проширувањето на ЕУ е можно и дека проширувањето на ЕУ е приказна за успех.
„Денес испраќаме јасна порака – ЕУ го подготвува теренот за пристапување на својата следна земја-членка. Усвојувањето на овие заклучоци во врска со финансискиот пакет за пристапување на Црна Гора во ЕУ беше исто така уште една важна пресвртница во процесот на пристапување. До крајот на месецот очекуваме да го потврдиме позитивниот моментум во врска со кандидатурата на Црна Гора“, рече Берн.
Спајиќ, одговарајќи на новинарско прашање за отворените прашања со Хрватска, рече дека без Хрватска немаше да ги затворат овие три поглавја.












