За време на протестите во Франција била откината раката на еден тинејџер при судир меѓу ученици-демонстранти и полицијата за разбивање немири, ова го изјавил функционер, во пресрет на националните протести организирани од ученичкиот сојуз поради недоволното финансирање, пренатрупаноста и лошата состојба на училишните објекти.
Регионалниот весник „Ла Воа ди Нор“ објави дека 15-годишник ја изгубил раката и дел од подлактицата откако кренал полициска граната за разбивање толпа, која експлодирала во градот Ленс, додека бранот училишни протести навлегувал во својата трета недела.
Франсоа-Ксавие Лош, префект на департманот Па-де-Кале, одби да ги коментира точните околности, наведувајќи дека околу 200 до 250 демонстранти фрлале предмети кон полицијата.
Неколку синдикати денеска, меѓу кои и најголемите синдикати на просветните работници, повикаа на поддршка за средношколците кои протестираат во Франција, со најавени маршеви низ земјата и прекини на работата во голем број училишта.
Средношколците бараат повеќе ресурси и укажуваат на нехигиенските училишни згради, пренатрупаните училници, непополнетите работни места, особено во загрозените населби, како и на нееднаквостите што, според нив, ги создава „Parcoursup“, француската платформа за прием на факултет.
Широка коалиција на синдикатите во националното образование, ги повика вработените денеска да им се приклучат на средношколците.
Главниот трудов синдикат ЦГТ ги повика своите организации да го заштитат правото на учениците на мобилизација, да обезбедат простор за нивно собирање и да придонесат за безбедноста на демонстрациите.
Претседателката на ЦГТ, Софи Бине, изјави дека активисти на Синдикатот ќе бидат присутни за да ги заштитат средношколците.
Во мобилизацијата се вклучи и третиот земјоделски синдикат, Конфедерација Паезан, кој ги повика земјоделците со трактори да им се придружат на средношколците во блокадите.
Синдикатот оцени дека барањата на мобилизираната младина се „праведни и легитимни“, а најмалку десет негови локални ограноци се одѕвале на повикот.
Во Париз маршот е најавен за 14 часот од Плоштадот на Републиката, а повик за акција објавија и студентските синдикати, меѓу кои Студентскиот сојуз и УНЕФ.
Кабинетот на премиерот оцени дека движењето се претворило во „урбано насилство“.












