Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Војните во Иран и Украина – главни теми на Генералното Собрание на ОН во Њујорк

/

Свет

Сподели преку :

Обединети нации што испорачуваат за сите. Ова е мотото на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Ќе се разговара  за одржливиот развој, климатските промени, вештачката интелигенција, но во главен фокус на светските лидери секако ќе бидат војната на САД против Иран, како и руската инвазија на Украина.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска ќе има средба со најмалку 11 светски лидери од четири континтенти, било билатерално или во групи а ќе се обрати и на Генералното собрание.

Иако пред два дена, Трамп изрази подготвеност да се сретне и со својот ирански колега, Масуд Пезешкијан, засега нема официјално закажан состанок на двајцата претседатели, а нема ниту знаци дека конфликтот ќе запре набргу.

Стејт департментот потврди дека одобрил визи за иранската „главна делегација“, како и за неопходниот помошен персонал, за учество на состаноците на Обединетите нации. Според американските медиуми, во главната делегација на исламската република се претседателот Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Лидерот на исламската република е скептичен околу можноста да се постигне договор со САД а уште помалку верува во спремноста на Вашингтон да го почитува договореното.

„Многупати сме седеле на преговарачка маса. Заедно сме потпишувале договори. И покрај потпишаните договори, за жал, целиот свет виде колку лесно тие (Американците) ги прекршија тие обврски. Ако сакаме безбеден свет, ако сакаме свет исполнет со мир и стабилност, тогаш тие мора да ги почитуваат правата на сите луѓе, нации и на секој што живее на оваа планета. Не можат да ги принудат луѓето на покорност преку употреба на сила“ – изјави иранскиот лидер, Масуд Пезешкијан.

Војната на САД и Израел против Иран ги зголеми цените на горивото на глобално ниво и го наруши снабдувањето со енергенси преку Ормускиот теснец, но и го намали рејтингот на Трамп, кој според последните анкети е на историски најниското ниво од 32 %. За ова прашање, Трамп минатата ноќ разговарал и францускиот претседател, Емануел Макрон.

„Имавме одличен разговор кој ни овозможи да дискутираме за кризата на Блискиот Исток и за нашата решеност повторно да го отвориме Ормускиот теснец и да ги ослободиме овие резерви (на нафта). Разгледавме низа решенија, како и дипломатски решенија на кои ќе работиме во наредните часови, а кои би овозможиле – и без глобален договор – да се овозможи премин на повеќе танкери за нафта и контејнерски бродови“ – рече францускиот претседател, Емануел Макрон.

Трамп во Њујорк ќе разговара и со украинскиот лидер, Володимир Зеленски,

кој се очекува повторно да го претстави својот предлог за енергетско примирје со Русија. Киев стравува дека Русија се подготвува повторно да ги напаѓа капацитетите за греење и енергетската инфраструктура на Украина во пресрет на зимата. „Енергетскиот сектор на Украина, критичната инфраструктура и нашиот извоз на храна мора да престанат да бидат цели за Русија, а тоа ќе доведе до соодветни чекори за деескалација од наша страна. Решенија се можни“, напиша Зеленски на платформата „Икс“ во понеделникот.

Никола Илиевски