Волонтерите во Клиничката болница во Битола, кои девет месеци работеа без надомест, денеска потпишаа договори за дело. Информацијата за „Телма“ ја потврди директорката на болницата, Ненеси Лозанче, која рече дека вчера добиле согласност за нивниот ангажман.
Станува збор за околу дваесетина лица, меѓу кои лекари, медицински сестри и немедицински персонал, кои до крајот на минатата година беа ангажирани со договори. Но, не беше добиена согласност за продолжување на нивниот ангажман, па тие продолжија да работат како волонтери, без никаков надомест.
Прашањето за статусот на овој медицински и немедицински кадар беше отворено пред два месеца, при посетата на Клиничката болница во Битола на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски, кога граѓанин пред камерите ги праша што ќе се случи со волонтерите кои со месеци работат без пари. Министерот тогаш вети дека ќе го разгледа случајот.
Со новите договори овие лица добиваат платен ангажман, но немаат пензиско и здравствено осигурување како вработени.
Тие очекуваат трајно решение на нивниот статус и вработување во Клиничката болница во Битола.
Емилија Мисирлиевски

За време на прес-конференцијата пред Клиничката болница во Битола, на која премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на болницата Ненси Лозанче зборуваа за нова опрема и вработувања, граѓанин се доближи до камерите и постави прашање за статусот на лицата кои со месеци работат без надомест. „Сакав да прашам што ќе биде… Продолжи со читање













