За време на прес-конференцијата пред Клиничката болница во Битола, на која премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на болницата Ненси Лозанче зборуваа за нова опрема и вработувања, граѓанин се доближи до камерите и постави прашање за статусот на лицата кои со месеци работат без надомест.
„Сакав да прашам што ќе биде со статусот на лицата кои работат со волонтерски договор и без пари?“, рече граѓанин.
„Кои вработени?“, праша премиерот Мицкоски
„Вработените кои се овде со волонтерски договор, без никаков надомест“, продолжи граѓанинот.
„Еве тука се и министерот и директорката, тие ќе ви одговорат“, одговори Мицкоски.
Станува збор за медицински и немедицински персонал кој до јануари годинава беше ангажиран со договор на дело. Потоа нивните договори се трансформирани во волонтерски, па веќе осум месеци работат без паричен надомест.
„Побаравме да добиеме согласност за понатамошни договори или вработувања, но одговор сè уште немаме. Тие сами потпишаа волонтерски договор, бидејќи сакаа да останат овде, а ние моравме правно да го регулираме нивниот статус со некаков документ“, рече Ненси Лозанче, директорка на Клиничката болница во Битола.
„Директорке, осум месеци се во прашање. Нивниот статус не е регулиран, а работат повеќе од вработените што земаат плата“, рече граѓанинот.
„Работат онака како што треба да се работи во болница. Нашите заложби се постојани и се надевам дека во најскоро време ќе има решение“, одговори Лозанче.
Министерот за здравство Сашо Клековски, кој функцијата ја презеде пред две недели, изјави дека лично ќе се запознае со случајот.
„Ќе преземам обврска да го разгледам случајот и ќе ве известам“, рече Сашо Клековски, министер за здравство.
Инаку, на прес-конференцијата директорката Лозанче истакна дека во изминатите две години во Клиничката болница во Битола има инвестиции во нова медицинска опрема и инфраструктура, а реализирани и повеќе од 80 нови вработувања.
Емилија Мисирлиевска













