Најмалку 10 лица се повредени во руски напад врз центарот на украинскиот град Одеса, соопшти Државната служба за вонредни ситуации на Украина.
Во нападот била погодена 11-катна административна зграда, при што биле оштетени објектот и повеќе возила. На местото избувнал пожар, а во гаснењето и расчистувањето на последиците учествувале спасувачки екипи.
Бил бил извршен и втор напад додека спасувачите веќе интервенирале на местото на првиот напад. Тогаш биле повредени двајца спасувачи.
„Во моментов имаме информации за 10 повредени лица – луѓе кои се движеле со автомобили или пеш по улицата“, изјави Марина Аверина, портпаролка на Државната служба за вонредни ситуации на Украина во Одеса.
„За жал, меѓу повредените се и двајца членови на нашиот тим, кои се повредени како резултат на вториот удар“, додаде таа.
Според украинските власти, тројца од повредените биле пренесени во болница, додека на останатите им била укажана медицинска помош на лице место.
Локалните власти соопштија дека нападот предизвикал значителна материјална штета, а спасувачките екипи продолжиле со расчистување на последиците.












