Повеќе од 1.000 локално стекнати инфекции на вирусот Западен Нил се забележани ширум Европа од почетокот на годинашната сезона на пренос, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
До 3 септември се регистрирани вкупно 1.086 случаи во 15 држави, соопшти ЕЦДЦ. Италија е лидер со 516 случаи, следува Грција со 284 и Шпанија со 88. Македонија, според последните податоци на надлежните, има 52 случаја на западнонилска треска.
Вкупно се погодени 144 подрачја на континентот, меѓу кои 62 во Италија.
Вирусот Западен Нил главно го пренесуваат комарците меѓу дивите птици, меѓутоа заразените комарци можат да го пренесат и на луѓе.
Според германскиот Институт „Роберт Кох“, околу 20 отсто од инфицираните развиваат симптоми слични на грип, додека отприлика само еден од 100 има сериозно заболување. Западнонилската треска обично минува без компликации, иако долгорочните последици се прилично чести меѓу пациентите кои развиваат тешка форма на болеста.












