Фотоархива
Иран изврши одмазднички напади врз американските бази во Јордан, Кувајт и Бахреин во текот на ноќта од вторник кон среда, откако САД повторно ги започнаа нападите врз цели на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Иран во вторникот – објави израелски дневен весник The Jerusalem Post.
Во Кувајт се огласија сирени додека воздушната одбрана на земјата се спротивставуваше на напади со непријателски дронови, „по грешната иранска агресија“, соопшти кувајтската армија во објава на социјалната мрежа Икс (X) во средата наутро.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи на Бахреин прогласи „предупредување за можна закана“ во земјата, додека локални извори за иранската државна телевизија ИРИБ соопштија дека биле слушнати најмалку четири последователни експлозии.
Иран изврши напад врз Ирак
Во соопштение, Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) наведе дека извршила комбиниран напад со ракети и дронови врз американските бази во Ербил, Ирак.
ИРИБ, исто така, објави дека биле слушнати експлозии во близина на американскиот конзулат во Ербил, Ирак. Локалните медиуми, исто така, известија за удар.
Ниту САД, ниту Ирак не ги имаат потврдено ваквите напади.
Јорданската армија пресретна 10 од 13 ирански балистички ракети
Во Јордан се огласија сирени додека воздушната одбрана ги пресретна иранските ракети кои влегоа во воздушниот простор на земјата, потврдија јорданските вооружени сили во соопштение во средата.
Нема американски жртви во иранските напади врз американските воени бази во Јордан, изјавија двајца американски претставници за Ројтерс.
Иран во вторникот вечерта ја таргетирше американската база на маринскиот корпус во Јордан со балистички ракети, соопшти портпаролот на ИРГЦ, тврдејќи дека „голем број американски сили биле убиени“ во базата Камп Титин.












