Бројот на загинати во катастрофалните поплави во Непал и во Кина надмина 1.000, соопштија властите. Судбината на илјадници исчезнати и натаму е непозната. Потрагата по нив и натаму трае, а војската и спасувачките тимови не губат време во обид да извлечат преживеани по наносот од епски размери. Фокусот, покрај на цивилното население, е на повеќе од 900-тини работници во хидроцентралите за кои се верува дека се заробени во подземни тунели. Се прават натчовечки напори за да им се достави вода за пиење и да им се обезбеди кислород, па за деблокада на влезовите со карпи и кал се користи експлозив и опрема за дупчење.
Овој човек беше во еден од тунелите во моментот на несреќата, но успеа да се спаси. Во бегство се дал, скокајќи во камион со неколку други лица. Возејќи низ тунелот, камионот се превртел, но тој сепак успеал да стигне до излез и по четири дена во планина, бил евакуиран со хеликоптер. Сега се надева на чудо и за илјадниците луѓе кои се водат како исчезнати да излезат живи по разорниот потоп.
„Наеднаш почувствував како воздушен притисок навлегува во тунелот, а ушите ми се затнаа и пукнаа. Кон нас надоаѓаше водна стихија, носејќи возила и отпадоци. Имав чувство како да се давам во матната вода. Додека се давев, не се сеќавам колку вода голтнав. Дали сè уште се таму? – Или ги однела поплавата? – Не знам“, раскажува Киран Бишовкарма, преживеан од тунел.
Поради опасност од ширење на заразни болести, властите во округот Читван започнаа со привремени погреби на неидентификувани тела. Локалните медиуми, пак, објавија и за првите кремирања во Непал, што е традиција во претежно хиндуистичката земја.
Катастрофата во Непал се случи на 26 август. Причина, според научниците, е колапс на глечер, а последица се огромните количини на карпи, мраз и вода кон долините, уништена инфраструктура и голем број на загинати. Дел од експертите веруваат дека некои од исчезнатите имаат пристап до кислород, други, пак, предупредија дека шансите за пронаоѓање на преживеани се намалуваат од ден во ден.
Сашко Димовски












