Најмалку седум лица загинаа откако патнички брод со речиси 270 патници и членови на екипажот се преврте во близина на брегот на северен Кипар, објавија турските медиуми.
Околу 237 лица се спасени, изјави премиерот на Северен Кипар, Унал Устел, за турскиот државен канал ТРТ, додавајќи дека продолжува потрагата по уште 24 лица.
Устел информираше дека траектот се соочил со неповолни временски услови и почнал да пропушта вода само 15 минути по испловувањето, по што било испратено барање за помош.
Бродот пловел од пристаништето Киренија, во северниот дел на етнички поделениот Кипар, кон турското пристаниште Ташуџу во провинцијата Мерсин.
Според турската државна телевизија, траектот почнал да пропушта вода на околу 7,5 километри од брегот.
Видео-снимките од местото покажуваат луѓе со елеци за спасување како седат врз превртениот брод и чекаат да бидат спасени.












